Градоначалникот на oпштина Гази Баба Бобан Стефковски не присуствуваше на денешната прес-конференција на градоначалничката Данела Арсовска која ја најави реконструкцијата на улица Перо Наков.
Првиот човек на Гази Баба изјави дека не бил повикан од градоначалничката да присуствува на овој настан, а ова е и прв пат Арсовска да oдржи прес-конференција во некоја општина во која градоначалникот е од редовите ВМРО-ДПМНЕ, а тој да не присуствува на настанот.
– Од првиот ден на мојот мандат давав шанса за соработка со градоначалничката Арсовска и бев многу трпелив. Жалам што по една цела година морам да констатирам дека шансата од страна на Арсовска не беше искористена – ни рече Стефковски.
Тој очекува ветувањата што ги презела како обврска за време на изборите да ги реализира без исклучок бидејќи граѓаните поради тоа им ја дале довербата за да го реализираат она што го ветиле.
– Денес видов од медиумите дека Арсовска била во Гази Баба со цел отпочнување на реконструкција на улица Перо Наков, настан на кој не бев поканет иако општината има учество во реализација на проектот преку склучен договор за меѓуопштинска соработка, како и преку одобрување на проектот со потврда за заврека – објаснува Стефковски.
На денешната прес-конференција Арсовска беше прашана од новинарите зошто градоначалникот на Гази Баба, Стефковски не е дел од прес-конференцијата, но таа не даде одговор.
Откако Арсовска не го покани Стефковски на денешниот настан од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивните градоначалници веќе нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката.