Нашето Скопје долго беше запоставено, долго слушавме многу празни ветувања, а ништо не се менуваше. Сите гледаме како овој град тоне, како не се развива, како се уназадува. Сите се сеќаваме како Скопје пулсираше, беше зелен и чист град. Граѓаните на Скопје во минатото беа горди на својот град, на културните настани, на старото добро Скопје. И сите гледаме како Скопје се претвори во сив, депресивен и нечист град. Скопје ја загуби душата, рече Арсовска во своето обраќање од денешната прес конференција со која официјално ја стартува изборната кампања на овие локални избори.
Арсовска истакна дека Скопје сега е град кој стагнира, каде што нема функционален превоз, нема главни улици, нема поврзани велосипедски патеки, нема зеленило, нема културни настани, концерти, нема култни места, нема спортски настани. Премногу работи што ги нема во градот, а и многу работи што Скопје ги има и тие се негативни.
– Имаме загаден воздух, имаме урбан хаос, имаме сообраќаен метеж, имаме валкани улици, имаме бетонска пустина, која станува сѐ полоша и полоша – без никакви прописи се става бетон на секое зелено место што ни преостана, имаме диви депонии, имаме корупција насекаде околу нас. Ова не е повеќе нашето Скопје, ова не е градот во кој сакаме да живееме и каде сакаме да растат нашите деца. Ми недостасува нашето Скопје, оној живописен град, оној град на културата, оној град на парковите, оној град на разиграниот живот. И сакам да се врати, вели Арсовска.
Таа потенцираше дека Скопје и скопјани немаат време за чекање уште четири години и потребно е да се преземе акција веднаш, со цел да се оживее Скопје и да се врати душата на градот.
– Ние сме граѓани на овој град, ние сме скопјани – ајде да си го вратиме нашиот град за нас!, дополни таа.