Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување на телевизијата Канал 5 изјави дека нејзината функција почесен конзул во Унгарија не значи дека таа е кадар на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, затоа што функцијата била одобрена од актуелната влада на Зоран Заев.
„Морам да кажам дека ми се исклучително смешни овие тврдења, затоа што досега сум имала десет години можност да соработувам, како претседател на Сојузот на стопански комори, и со претходната и со оваа власт. Моето место, односно она што го правам за нашите 24.000 членки, претпријатија во ССК, било да давам препораки за квалитетни економски политика на Владата. Таа соработка и со претходната и со оваа власт, не ме прави ниту човек на господинот Заев, ниту на Груевски, ме прави човек на скопјани. Таа титула ја стекнав на крајот на 2020 година со одлука за согласност на оваа влада и со одлука за отворање на конзулатот повторно од оваа влада предводена од СДСМ“, рече Арсовска.
Таа потенцира дека со своето знаење ќе допринесе Скопје да биде современа, европска метропола.
„Јас политичар не сум и затоа мојот пристап ќе биде пристап на знаење, компетенции, базиран на сите мои меѓународни искуства коишто сум ги имала и имам како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Планирам тие најдобри практики да ги имплементирам во градот, меѓутоа, во овој период секој ден имам средби со скопјани, со целни групи на граѓани коишто даваат свој личен печат во се она што треба да се имплементира во мојата програма за да таа биде една финална целина којашто ќе прерасне во програма на градот Скопје. Сакам да порачам дека сум отворена за сите и ќе бидам градоначалник на сите скопјани”, изјави Арсовска.
Арсовска се заблагодари на поддршката којашто во изминатиот период ја доби од скопјани и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи дека ги повикува и се надева на поддршката од Алијанса за Албанците и Алтернатива, од сите скопјани, но и од симпатизерите на СДСМ.
„Сакам да истакнам дека јас член на политичка партија до сега не сум била, ниту сум и тоа се факти. Други факти поинакви од ова нема. Ја објавив својата кандидатура како независен кандидат којшто претендира да биде градоначалник на градот Скопје. Најважно од се, верувам дека ќе ја добијам поддршката на скопјани, а уште поважно, поддршката ја барам и од симпатизерите на СДСМ”, вели Данела Арсовска, дополнувајќи дека во оваа градоначалничка трка влегла затоа што верува дека ги поседува сите оние квалитети коишто се неопходни и потребни за квалитетно менаџирање на градот.