Жал ми е што оваа состојба со загадениот воздух во која што градот е во овој момент некој ја користи за политиканство и собирање на ситни политички поени. Има простор да се подобри состојбата, меѓутоа кога критиките доаѓаат од некој што во моментот е власт во Македонија и имаше добри четири години време да ги реши проблемите и тоа имаше големи буџети, сега е некоректно некој да кажува за 50тина дена дека некој бил или не бил во можност да ја среди состојбата која тие имаа можност четири години да ја средат, изјави вечерва во Тема на денот на Сител, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

– Во изминатиот период има засилени инспекциски надзори. Само за изминатиот месец имаме отприлика околу 54 инспекциски надзори поврзани со загадувањето. Во изминатите две години имало само 4 инспекциски надзори, ние сега во еден месец направивме 54. Се движиме во значително квалитетна насока, рече Арсовска.

Арсовска напомена дека власта во изминатите четири години не направила ништо, се ослонила само на добрите временски услови за да нема енормно загадување.

-Ние во овој момент се соочуваме со енормно загадување кое што ќе се обидеме да го санираме со тоа што ќе ги отстраниме сите причинители кои допринеле да се случи ова кое што го имаме во овој момент. Тоа е да делуваме на загадувањето кое доаѓа од домаќинствата, од градењето, од дивите депонии. Во овие 60 дена исчистивме околу 120 диви депонии, рече Арсовска.

Град Скопје би помогнал секому, но буџетот е оставен во очајна состојба. Заглавен е со проекти за кои се склучени договори кои се повеќегодишни и, за жал, мора да се реализираат и не може да се прекинат. Најголем дел од средствата се веќе однапред определени каде ќе се трошат следната година, рече градоначалничката Данела Арсовска одговарајќи на прашањето дали Град Скопје може да им помогне на граѓаните кои ќе плаќаат поскапа струја и парно греење според најавите за зголемување на цените.

-Мора да бидеме свесни дека градот е презадолжен. Тој дури нема никакви можности за дополнително задолжување. Затоа сметам дека најголем дел од одговорноста треба да си ја понесе централната власт затоа што таа имала удел и можела да ја превенира оваа состојба со која денес сме соочени. Градот не можел да превенира ова да се случи. Сите механизми се во централната власт, таа треба да спречи граѓаните и приватниот сектор, вклучително и општините и јавните претпријатија, да плаќаат толку многу драстично повисоки сметки за електрична енергија, рече Арсовска во гостување во Дневникот на ТВ Сител.

Во однос на изборното ветување за бесплатен јавен автобуски превоз, рече дека по Нова година ќе излезат со точни пресметки затоа што во ЈСП „Скопје“ затекнати се, како што рече, катастрофални состојби и голем дел од возилата не биле ставени во функција.

-Прво ќе се направи консолидирање на ЈСП зашто внатре е хаос. Почната е внатрешна ревизија, а ќе има и надворешна за да се види каде се направени огромните долгови кои ЈСП ги има. Најголем дел од средствата што му се дотираат доаѓаат од Град Скопје, тоа е сума од над 12 милиони евра кои се дотираат директно од буџетот на градот, рече Арсовска.

Додаде дека се работи за носечки проект од изборната програма за Скопје и, според ветеното, рече таа, етапно и по категории ќе се воведува бесплатен превоз, за што прво ќе се набавуваат прва транша еколошки автобуси. Конкретен рок на бесплатен превоз таа не прецизираше.

-Кажавме дека пред истекот на втората година целосно ќе биде бесплатен јавниот превоз. Ние, секако, ќе се обидеме тоа да го направиме и пред истекот на овој рок, рече градоначалничката.