Зоран Заев се крие по скандалот со трите фирми кои што кланот Заеви ги отворил во еден стан во Петрич во соседна Република Бугарија. Заев бега од проста причина што претходно ја лажеше јавноста дека такви фирми во странство нема, но и од прашањата кои следат зошто и за каква цел овие фирми се отворени токму во соседна Бугарија, изјави денеска Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Постои основан сомнеж дека овие фирми, или барем две од нив, се отворени со намена да учествуваат во работењето на рудникот Иловица во Струмичко. Рудник кој што претходно беше против да се гради, Зоран Заев, но сега полека ја менува реториката. Прашуваме, дали Заеви ги отворија овие фирми, чија дејност е транспорт и логистика на две од три фирми, за да добијат бизнис кој се проценува дека е вреден најмалку 10 милиони евра годишно за транспорт на целата руда од Иловица до Република Бугарија каде што таа руда ќе се топи? Одговорот треба да го даде Зоран Заев“, истакна Арсовски.
Според него, знаејќи дека Зоран Заев е главниот на кланот Заеви кој уште од периодот кога беше градоначалник овозможуваше тендери за семејните и пајташките фирми, ваквиот сомнеж со право се поставува како прашање.
„Дополнително јавноста се сеќава дека една од семејните фирми на Заеви откако тој стана премиер на Република Македонија доби концесија од Владата на Заев, односно од него самиот, за ископување на минерални суровини.
Исто така веќе граѓаните слушнаа и за скандалот кога камиони со струмички таблици во сопственост на фирма на Заеви транспортирала јаглен во РЕК Битола.
Тоа значи дека постојат сериозни индиции дека и досега семејните фирми на Заев со негова помош и знаење добивале бизниси за ископ на суровини и за транспорт на руда. Затоа со право се поставува прашањето дали фирмите на Заеви во Бугарија треба да добијат бизнис во рудникот Иловица, притоа да се преставуваат како странски фирми и на тој начин да го зголемат своето богатство за стотици милиони евра наредните години?
Одговори за ова мора да има. Секој молк од страна на Заев се толкува како потврда дека ова што го говориме е точно. Тој молчи со денови и со денови се крие. Очекуваме дека кога ќе заврши фазата криење ќе почне да се заканува до медиумите, до партијата, но она кое што вистински треба да го направи е да одговори за која цел отворените фирмите на Заеви во Петрич и зошто безобразно ја лажеше јавноста дека нема фирми во странство“, изјави Арсовски.