Како што можете да видите, истрагата за случајот „Рекет“ е една огромна фарса! Пред наши очи гледаме како целосно се распаѓа и девалвира целиот правен систем притиснат од корумпирани политичари и обвинители. Наместо борба против криминалот и корупцијата, сведоци сме како сите инструменти се ставаат во заштита на мафијата, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Денешното сведочење на Катица Јанева е се, освен професионално водење на истрагата со цел откривање на нарачателите на злоупотребата на институциите и законот за вршење на притисоци и рекетирање на недолжни граѓани. Денешното сведочење на Јанева е доказ дека истрагата на чело со Вилма Русковска е компромитирана. Катица Јанева доаѓа да даде исказ како сведок во присуство на адвокат! И тоа не било кој, туку адвокат на еден од таргетите во случајот „Империја“, случај кој што е конструиран по истекот на законскиот рок за постапување на СЈО, само и само за да се рекетираат бизнисмените.Нема поголема иронија и нема поголемо потценување на интелигенцијата на граѓаните. Доколку Катица Јанева сакаше да и помогне на истрагата како што вели, да дојде до главата на октоподот ќе отидеше сама, ќе соработуваше и ќе кажеше се што знае за оние кои што ги нарачале сите овие рекети. За тоа не и треба адвокат. Адвокатот и треба само за да се прикријат дупките и за да се има контрола врз се она што ќе каже, бидејќи очигледно Катица Јанева нема сама капацитет да отиде и да даде исказ во обвинителство. Апсурдот да биде поголем, истата Катица Јанева во СЈО не дозволува присуство на адвокати кога се сослушуваат сведоци со едноставно образложение дека не станува збор за лица кои се предмет на истрагата. Или СЈО го злоупотребува Законот за кривична постапка или Вилма Русковска. Трето нема! Факт е дека правдата и процедурите не се еднакви за сите. За циркусот да биде целосен, Катица Јанева која е повикана лично како сведок, на сослушувањето доаѓа со службено возило и личен возач, демонстрирајќи сила и моќ. Класична злоупотреба на ресурсите кои ги плаќаат граѓаните, истакнува Арсовски.
Тој потенцира дека јасно е дека целта на Вилма Русковска не е да дојде до главата на октоподот.
-Нејзината цел е да се сокријат трагите кои може да доведат директно до Зоран Заев и до разно разните Кики, Фрики и Шеки од власта. Затоа на Катица Јанева и беше оставено време да форматира телефони и компјутери. Затоа нема изводи од базните станици каде се движеле осомничените Боки 13 и Зоран Милевски, Кичеец со милиони евра во нив. Затоа нема изводи од базните станици од движењето на Катица Јанева или Зоран Заев. Целата јавност и домашната и меѓународната го виде и го слушна на дело рекет системот на власта. Одговорност ќе има за сите, од прв до последен. Македонија сега ја плаќа цената на бессрамната коалиција на криминално – политичко – правосудниот октопод. Македонија сега е на столбот на срамот и од ден на ден се повеќе се оддалечува од членството во ЕУ. Добра вест е што се ближи крајот на оваа крими – коалиција и претстои обнова на Македонија и тоа многу брзо. Откако правдата ќе се врати одговорност ќе сносат и оние кои помагаа, но и оние кои што ги извршија сите овие случаи и оние кои што помагаа да се забошотат сите овие случаи. Одговорност мора да има, порача Арсовски.