Артан Груби не е државјанин на Албанија. Нема ниту запис во албанскиот службен весник кој би покажал дека Груби се здобил со нивно државјанство, објавува истражувачката мрежа БИРН. Тие контактирале со кабинетот на Албанскиот претседател од каде добиле потврда дека Груби нема нивни пасош. Според ова, доколку навистина екс-вицепремиерот, за кој има сомнеж дека се наоѓа во местото викано Хамалај во близина на Драч, сака Албанија да му биде засолниште, не му преостанува ништо друго освен да бара азил. Но, не и да го добие. Според меѓународните конвенции, за економски криминал сторен од политичар додека извршувал владина функција, вообичаено не се дава политичка заштита.
„Овде во случајот на господинот Артан Груби кој што побегна од Македонија и против кого е определена мерка притвор, се работи за кривично дело на ог.криминал кој е поврзан во вршењето на неговата функција како вицепремиер односно заменик на премиерот во Владата на Македонија. Бегањето од одговорност за такви кривични дела не е основ за добивање на азил, напротив, државите согласно меѓународните конвенции се обврзани заради спречување на организираниот криминал да соработуваат и да придонесуваат за спречување на таков криминал бидејќи тој криминал им штети на граѓаните на државите“ коментира Михајло Маневски – поранешен министер за правда.
Доколку, пак албанската полиција се реши да го лоцира Груби и да го уапси врз основа на потерницата, тамошната влада мора веднаш да ја извести Македонија и да му определи екстрадиционен притвор.
„Доколу Артан Груби се наоѓа во Албанија, албанската влада е дожна да постапи по издадената меѓународна потерница и да определи есктрадиционен притвор на тоа лице за кое ќе биде побарано од властите во Македонија. Мислам дека постапката за екстрадиција не би требало и не би смеело долго време затоа што прашањето за организираниот криминал е прашање кое има светско значење и мислам дека ниту една држава не смее да штити таков криминал“ вели поранешниот министер за правда Маневски.
Македонија има договор за екстрадиција со Албанија уште од 1998 година. Но засега, барем официјламно, се уште не се знае точната локација на Груби. Доколку биде уапсен и екстрадиран, во моментот кога ќе зачекори на македонско тло, треба да замине зад решетки во Шутка како осомничен за милионскиот криминал во Лотарија.