Семејството на поранешниот лидер на Сирија Башар ал Асад, кое е во азил во Русија, ќе живее во лукзусниот облакодер Москва- „Капитал сити“, каде има свои недвижнини. И роднините на Асад, семејството Махлуф, купило најмалку 18 луксузни апартмани во истата висококатница.

Се чини дека Асад и неговите роднини ќе бидат соседи со некои од најбогатите руски бизнисмени, владини министерства, хотели со пет ѕвезди и мултинационални компании. Тие ќе сменат луксузот од Сирија со раскош во зградата која важеше за највисока повеќекатница во Европа во 2012 година.

Семејството Асад веќе добро го познава главниот руски град, а најстариот син Хафез докторирал физика и математика на Московскиот државен универзитет.

Соборениот Асад, неговата сопруга Асма, која е Британка родена во Лондон, и нивните три возрасни деца ќе почнат нов живот. Тие добија азил по директна наредба на рускиот претседател Владимир Путин.

Асма се бори со агресивна форма на леукемија. Таа пристигнала во градот заедно со децата неколку дена пред да пристигне сопругот.

Тајните тунели под замокот на семејството Асад, од каде што избегале тие, беа откриени откако го зазедоа бунтовниците главниот град Дамаск, во неделата.

Асма во Сирија трошеше стотици илјади долари на мебел и на облека. Но, семејството уште има средства. Според американскиот Стејт департмент, Асад има околу две милијарди долари на сметки на фиктивни фирми и во недвижен имот во некој од даночните раеви.

Светот ја запозна склоноста на Асма кон луксузот пред десетина години, кога беа изложени пред јавноста десетици нејзини приватни мејлови, кои покажаа колку таа сака да троши.

Од мејловите, кои прв ги објави британскиот весник „Гардијан“, може да се види дека Асма барала на Интернет чевли со потпетици од 16 сантиметри, кои чинеле 5.000 американски долари, дури и во време кога ја потресуваа земјата големи немири. Иако има британско државјанство, Асма, која ја нарекуваа пустинска роза, веќе нема да може да се врати во Велика Британија.

– Таа е личност под санкции и не е добредојдена овде, во Британија – изјави британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, откако рече премиерот дека е премногу рано да се каже дали британската влада ќе ѝ го одземе државјанството на Асма.

Со оглед на богатството што го имаат, се очекува таткото Башар, мајката Асма, синовите Хафез и Карим, на возраст од 24 и 21 година, и 22-годишната ќерка Зеин во Русија да продолжат да уживаат во луксузот што го имале во Сирија.