Швајцарија треба да биде држава-модел за Македонија, од кој таа ќе извлече поука во поглед на рамноправноста на Албанците и албанскиот јазик, вели Ахмет Асани во својата колумна, што ја објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
Асани објаснува „кога во Швајцарија ги прашуваат граѓаните кој е јазикот на Швајцарија одгoворот е дека во оваа држава германскиот, францускиот и италијанскиот се целосно рамноправни како три швајцарски јазици.“
Асани натаму во „експертизата“ објаснува како всушност Албанците биле мнозинство во Македонија:
„Во Македонија секогаш кога се зборува за правата на етничките Албанци се случува сите други неалбански етникуми да се соберат, да се нарекуваат себеси Македонци, а својот јазик македонски, иако ниту еден од овие етникуми нема ништо заедничко ниту со историјата, ниту со името на Македонија.“
И натаму на Македонија и го препишува „швајцарскиот лек“:
„Македонија може да функционира како држава само ако како модел ја земе Швајцарија како држава, во која сите етникуми и сите јазици се рамноправни пред законот! Во оваа насока Косово е добар пример! Во Косово Србите учествуваат со помалку од 5 проценти во структурата на населението, но тие се, сепак, целосно еднакви со Албанците, додека во Македонија Албанците продолжуваат да бидат дискриминирани иако се, всушност, мнозинство!“, пишува Асани.