Асоцијацијата на спортски обложувалници соопшти дека откако во април оваа година Владата донесе уредба со што се овозможува онлајн спортско обложување, играчите можат преку македонски спортски обложувалници да се обложуваат онлајн и безбедно, со сигурна исплата на премиите.
Од друга страна, пак, иако согласно член 19 од Законот за игри на среќа, онлајн обложувањето на странски сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира безбедност во однос на уплати и исплати, играчите сепак практикуваат онлајн обложување на странски веб страни.
– Со оглед на ова, ги информираме играчите дека Министерството за финансии, повикувајќи се на истиот член од Законот за игри на среќа (член 19) преку допис, веќе ги извести странските приредувачи на игри на среќа кои нелегално и без лиценца приредуваа онлајн обложување дека е забрането учество на граѓаните на РС Македонија кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа. Доколку Управата за јавни приходи утврди прилив на парични средства од учество во игри на среќа кај странски нелиценцирани приредувачи на игри на среќа, тоа подлежи на високи парични казни за играчите, соопштуваат од АСОМ.
Од Асоцијацијата додаваат дека секоја година државниот и локалните буџети инкасираат значителни средства од индустријата на игри на среќа. Во 2018 година оваа сума изнесува 253 милиони евра. Зголемување на овие средства значи поголем прилив во државниот буџет и повеќе средства што во иднина ќе бидат вложени во подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани во државата. Ова е од големо значење во време кога светот се соочува со здравствена криза и економска криза.
Неодамна се направени промени и во трансферот на пари, односно играчите сега можат да користат и платежни картички на Виза и Мастер.
– Со нелегално онлајн обложување на странските сајтови, државата нема контрола врз обложувањето, а парите за данокот, наместо во буџетот, се одлеваат надвор од државата. Според некои процени станува збор за одлив од 40 до 50 милиони евра, а ова се средства кои се од значаен интерес за домашната економија, одржувањето и отворањето на нови работни места и инвестиции. Дополнително, оваа уредба на Владата е воедно и соодветен одговор на корона кризата која помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа, како и егзистенцијата на повеќе од 54.000 лица кои целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на вредности кој го создава оваа индустрија“, вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ.