Доколку Владата остане глува на нашите апели подготвени сме да излеземе на масовни протести со цел да се бориме за нашите права и егзистенција, порачаа од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) на денешната прес-конференција пред Владата на РСМ.

Асоцијацијата пред Владата уште еднаш јавно го повтори својот став дека владината одлука за отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа е незаконска и дискриминирачка за домашните лиценцирани компании и ги истакна своите барања.

„Без исклучок бараме: да се донесат подзаконските акти кои цела деценија се држат во фиока за домашните компании согласно актуелниот закон да може да приредуваат игри на среќа и реално да се либерализира  пазарот, да се поништи незаконската владина одлука која претставува сериозна закана за домашните лиценцирани приредувачи на игри на среќа и итно да се вклучат сите засегнати страни во креирање на сите следни одлуки поврзани со индустријата.“- порача претседателот на АСОМ Васко Илијевски.

АСОМ информираше дека поседува информација дека на Комисијата за европски прашања во Собранието насила ќе се обиде да се истурка новиот предлог Закон за игри на среќа, кој значи крај на легалната индустрија на игри на среќа, што во никој случај нема да го дозволи.

„Нема да стоиме мирно и да гледаме како Владата врши упад во бизнисот со игрите на среќа свесно ставајќи клуч на врата на една легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра и вработува над 10.000 лица.“- истакна Илијевски.

Стоејќи пред Владата од Асоцијацијата јавно потврдија дека ниту една членка на АСОМ, Асоцијација во која членуваат над 95 проценти од претставниците на обложувалниците во земјава нема да учествува на незаконскиот однапред договорен тендер кој го објави Државна лотарија за избор на правни лица заради доделување договор за заедничко вложување во интернет игрите на среќа во коишто доминантно учество со 51 % ќе има Државна лотарија.