Во последните децении јавноста повторно и повторно се соочува со тврдењето дека Македонците „всушност“ се Бугари. Тезата не е нова. Таа е наследена од XIX и XX век, периоди кога националните пропаганди во Балканот се обидувале да ги прошируваат своите граници не само преку територии туку и преку истории. Главниот аргумент што го слушаме денес е дека бидејќи во одредени периоди делови од Македонија биле под бугарска власт, тоа значи дека населението тука „по потекло“е бугарско. Како да е доволно неколку децении окупација или администрација за да се избрише целиот континуитет на еден народ, неговиот јазик, култура, песни, востанија, симболи и колективна меморија, пишува Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Ако се држиме до оваа логика, тогаш да ја примениме еднакво. Ако окупаторот станува идентитет, тогаш не смееме да ја игнорираме најдолгата и најмоќна империја на овие простори. Македонија речиси пет века била дел од Отоманската Империја. Петстотини години. Половина милениум. Тоа е десет пати подолго од кој било период на бугарска власт во овие краишта. Ако присуството на Бугари „докажува“ бугарски идентитет, тогаш присуството на Османлиите треба уште повеќе да „докажува“ дека ние сме Турци.

И тука доаѓаме до апсурдот. Ниту Турција некогаш тврдела дека Македонците се Турци, ниту Македонците некогаш престанале да се чувствуваат како Македонци.
Се покажува дека идентитетот не се создава со меч и печат, туку со вековно чувство на припадност, јазичен континуитет, народна традиција, културна меморија и политичка самосвест. Народот не се претвора во друг народ само поради тоа што е во туѓа држава. Да беше така, денес Германците ќе беа Римјани, Шпанците Арапи, а Италијанците Австријци. Историјата не функционира на таков начин. Нациите не се административни таблици и катастарски мапи. Тие се живи организми.

Македонците не станаа Турци по петстотини години. Македонците не станаа Бугари по неколку децении. Македонците не станаа ничии. Останаа свои.
Тука е суштината што многумина сакаат да ја заобиколат: идентитетот не е предмет на трговија, ниту резултат на окупација. Идентитетот е нешто што се носи во јазикот, песната, култот, легендите, празниците и во чувството дека си тоа што си.

Токму затоа секоја обид за редефинирање на македонскиот идентитет е политички експеримент, а не историски факт. Тој експеримент трае со векови. Понекогаш со сила, понекогаш со пропаганда, понекогаш со документи, преговори и притисоци. Но секојпат се судира со истиот ѕид: народ што не се откажува од себе.

Македонецот можеби бил угнетен, притиснат, тивок, разочаран, измамен, но не заборавил кој е. Тоа е причината што денес сме тука. Тоа е причината што нашиот јазик живее. Тоа е причината што уште зборуваме за Илинден, за Крушево, за Гоце и Јане, не како за „туѓи“, туку како за свои.

Затоа, кога некој ќе рече „вие сте Бугари“, ние со мирен тон можеме да одговориме: „Ако според твојата логика сме Бугари затоа што неколку децении сте биле тука, тогаш според истата логика ние сме Турци затоа што Отоманската Империја била тука пет века. Ама, еве, не сме ниту едното, ниту другото. Ние сме Македонци. Затоа што тоа сме биле, тоа сме и тоа ќе останеме“.

Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА