НЕ за разнебитување на Македонија, НЕ за заборав на македонскиот народ, НЕ за македонскиот јазик да биде некаков си дијалект затоа што сме посебни од памти век па до ден денеска говориме на македонски јазик и така ќе остане – порача Димитар Атанасовски на денешниот протест насловен „Ултиматум НЕ, благодарам“.
Атанасовски повика на обединување, на национално обединување на сите граѓани на Република Македонија.
-Но, не само на граѓаните кои живеат овде туку и на сите Македонци во целиот свет кои ги засега оваа тематика. Освен Македонците ги повикувам и Албанците, Турците, Бошњаците, Србите, Власите, Ромите и сите кои им значи Македонија.
Повикувам да излеземе во што поголем број и да кажеме не, не заради тоа што сега или никогаш е дојдена работата. Не смееме да поминеме преку ова, не смееме да дозволиме историјата да не пишува како хибридна нација затоа што не сме такви, затоа што Македонци сме се родиле и Македонци се и нашите деца и сите идни поколенија – истакна Атанасовски.
Тој замоли секој ден во 19:00 да се излегува на протест затоа што гласот на македонскиот народ е најважен и тој е гласот којшто ќе победи.
-Ги повикувам сите граѓани кои не можат да дојдат овде во Скопје да го изразат својот револт да се соберат во секој град и во секое село што помасовно за да кажеме дека ова е важно за цела Македонија – кажа Атанасовски.