Три лица се спасени, а по 11 се трага по потонувањето на бродот „Бурбон род“ во Атлантскиот океан.
Бродот се движел кон Гвајана, на околу 1.200 наутички милји од Мартиник и 60 наутички милји од ураганот од четврта категорија „Лоренцо“, кога се нашол во временски неприлики.
На бродот биле 14 членови на екипажот, а капетанот на бродот бил од Шибеник, пренесе Хина.
Пријавено е дека три лица биле пронајдени под чамец за спасување, додека по останатите се трага.
Министерството за надворешни работи на Хрватска потврди дека капетан на бродот е Дино Мишкиќ од Шибеник и дека меѓу членовите на екипажот нема други Хрвати.
Претставник на украинското Министерство за надворешни работи на Твитер објави дека двајца од тројцата спасени морнари биле Украинци.
Потрагата продолжува, а како што јави компанијата „Бурбон“, во чија сопственост е бродот, временските услови се подобруваат.