„Ве молам, ако некој има слободно време и дете кое е старо отприлика колку и мојата ќерка, дали ќе ни помогнете да и го направиме овој ден да и биде незаборавен?“
Девојчето Реми Робинс од Велс било многу разочарано кога речиси никој не се појавил на нејзиниот роденден. „Каде се сите мои пријатели?“, ја прашала Реми мајка и, која немала одговор на тоа прашање.
Реми е петгодишно девојче со аутизам, а нејзините родители поканиле десет деца да го прослават роденденот. Само две се појавиле, две се јавиле да кажат дека не можат да дојдат затоа што се болни, а другите не се ни потрудиле да одговорат.
Таткото на Реми, Пиџеј решил да го спаси денот на неговата ќерка преку социјалните мрежи. Во една локална група на Фејсбук, тој ги замолил луѓето да дојдат „Ве молам, ако некој има слободно време и дете кое е на возраст слична со мојата ќерка, дали ќе ни помогнете да и го направиме овој ден да и биде незаборавен? Не очекуваме ништо, никакви подароци, забавата е веќе платена, има многу храна, само сакаме да дојдат децата за да прослават со нашето мало девојче“, напишал очајниот татко.
И успеал во намерата. Дошле 14 деца со нивните родители, а на роденденот на Реми се појавиле и многу други луѓе кои дошле само да и честитаат роденден. Неговата објава е споделена повеќе од илјада пати, а Пиџеј доби бројни пораки за поддршка.
„Ви благодарам на сите што се одѕвавте“, изјави таткото, признавајќи дека девојчето на крајот било изненадено од огромниот број на гости.