Конфлифкот во Авганистан, кој во изминатите седмици повторно се разгори, е на пат да се претвори во најкрвав во светот во 2018 година и покрај надежите за дијалог со Талибанците, со што војната во Сирија ќе остане на второ место, пишува во анализата на бугарската агенција БТА.
– Со нагло зголемување на бројот на жртвите во Авганистан и со можен крај на сирискиот конфликт постои веројатност авганистанскиот да стане најкрвав во светот, изјави Џон Волш, аналитичар од американскиот Институт за мир.
– Бројот на жртвите на војната во Авганистан е на пат годинава са надмине 20.000 луѓе, меѓу кои и цивили, коментира Грејми Смит, консултантка од Меѓународната кризна група.
Оваа година ќе биде најкрвавата за Авганистан по рекордните 19.694 убиени кои беа регистрирани лани. Овие бројки ги соопштија истражувачите од Универзитетот во Упсала во Шведска, кои веќе 40 години следат човечки жртви во вооружени конфликти.
За споредба – научниците од Упсала преброиле 9.055 убиени во 1994 година во најтешкиот период на авганистанската Граѓанска војна, кога беше уништен главниот град Кабул.
– ОН веќе регистрира најголем број цивилни жртви за првата половина од 2018 година – 1.692 лица, а необјавените загуби во авганистанската армија се огромни, изјави Грејми Смит и изрази стравување дека вкупниот број на жртвите на војната во Авганистан може да ги надмине жртвите на сите други конфликти во светот.
Рекорден број човечки жртви
Уште една споредба. Во војната во Сирија од почетокот на годината загинале 15.000 лица од кои 5.300 се цивили, покажуваат податоците на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.
Ако годинава се очекуваат рекорден број човечки жртви, тоа е делумно „поради безмилосната Исламска држава која и покрај намалениот број на борци на околу 2.000 лица, зачести со нападите и сериозно придонесува за дестабилизација на Авганистан, тврди Мајкл Кугелман од американскиот тинк-тенк „Вилсон Центар“.
Изложени на притисок, САД, кои се во Авганистан од 2001 година, на почетокот од годинава одлучија да го зголемат своето воено присуство таму, а во исто време бараат „мирно решавање“ на конфликтот, како што изјави нивниот државен секретар Мајк Помпео.
На авганистанските сили им помагаат околу 14.000 американски војници, кои ги обучуваат и ги придружуваат најмногу во воздушни операции. Годинава загинаа шестмина од нив.
Вашингтон официјално тврди дека неговите напори довеле до тоа да се „постигне напредок“ кон политичко решавање на кризата. Ова го изјави генерал Џон Николсон, кој до овој месец беше командант на силите на НАТО во Авганистан.
Кон средината на август Николсон рече дека земјата располага со „невидени“ можности за мир.
Талибанците и Вашингтон следат една иста стратегија.
– САД двојно ги зголемија воздушните напади во споредба со минатата година, но и двете страни сметаат дека притисокот на военото поле ги прави противниците понаклонети кон преговори, пишува Меѓународната кризна група во извештај обајвен на почетокот од месецот.
Талибанците веќе се „поорганизирани“ – во нивните редови влегоа и „борци кои дошле во Авганистан за да ги поддржат“, тврди авганистанскиот политички аналитичар Ата Нури.
– Пакистан обедини блок од држави и локални борци против американскиот план, изјави поранешниот авганистански генерал Атикула Амархил и покрај тоа што Исламабад демантира дека се меша во внатрешните работи на соседот.
– Пакистан им предложи на Русија и Иран да ги финансираат борците. Талибанците сега располагаат со подобро вооружени луѓе, обучени и способни да ги зголемат нападите и да освојат повеќе територии, вели Амархил.
Далечна перспектива
И покрај напорите ниту еден од двата кампа не може да постигне надмоќ. Според Специјалниот генерален инспекторат за обнова на Авганистан во американскиот Конгрес, 56 проценти од авганистанската територија е под контрола на Владата, а 14 проценти на бунтовниците и тие податоци остануваат непроменети. Останатиот дел од територијата е „спорен“.
Во барањето мир преку војна „прашањето е да се сфати до каде се подготвени да одат Кабул и Вашингтон. Колку се подготвени да им дадат на Талибанците, за да стават крај на конфликтот“, коментира Мајкл Кугелман.
„Официјалните“ преговори остануваат „далечна перспектива“ според Меѓународната кризна група, при состојба кога дури „и страните во конфликтот ретко одвојуваат внимание за воспоставување мир“.
Во јули претставничката на САД за Јужна Азија, Алис Велс се сретна со претставници на Талибанците во Катар за да разговараат за мировниот процес. Целосен пресврт, имајќи ги предвид претходната позиција на Вашингтон да не прифаќа билатерални преговори со бунтовниците.
Претставник на Талибанците, кој живее во соседен Пакистан, неодамна изјави дека се надева оти „наскоро“ ќе има нови преговори. Се слуша дека дијалогот може да продолжи овој месец.
И покрај ваквите очекувања интензивираното насилство создава страв дека парламентарните избори кои ќе се одржат во средината на октомври, први од 2010 година, можат да бидат одложени, тврдат неколку извори.
Авганистанското Министерство за одбрана призна дека „ги зајакнало“ операциите со цел „напад врз непријателот, за да се гарантира безбедноста на избирачите“.
Околу 294 Талибанци беа убиени за три дена, информира Министерството без да го соопшти бројот на загинатите авганистански војници.