Министерството за здравство на Авганистан затвори многу училишта, универзитети и образовни центри во земјата, вклучително и во главниот град Кабул, за да спречи ширење на коронавирусот, јави ДПА.

Сите владини и приватни образовни институции од денеска ќе останат затворени две недели во 16 од 34 провинции во земјата, се вели во соопштението на Министерството. Одлуката е донесена откако здравствените власти вчера објавија 977 нови случаи на новоинфицирани на ден, што е најголем дневен број во земјата од почетокот на епидемијата.

Авганистан се обидува да се справи со третиот бран на инфекцијата со Ковид-19. Повеќе од 70.000 случаи и повеќе од 2.800 смртни случаи се пријавени од почетокот на пандемијата, но се проценува дека бројот е многу поголем.