Вооружени напаѓачи денеска пукале во автомобил во северен Кабул, при што загинаа две судијки, кои работеле за повисок суд во Авганистан, а во нападот е повреден нивниот возач, соопшти претставник на судот, пренесе ДПА.
Американските медиуми потсетуваат дека е ова последен во серијата напади во авганистанската престолнина за време на мировните разговори меѓу талибанците и претставниците на авганистанската Влада, што се водат во Катар.
Портпаролот на авганистанскиот Врховен суд, Ахмад Фахим Кавим, изјави дека жените биле судијки кои работеле за повисок суд, но не ги идентификува.
Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, а портпаролот на талибанците, Забихулах Мујазид, рече дека бунтовничката група не е одговорназа двојното убиство.
Авганистанската Влада во последниве месеци постојано ги обвинуваше Талибанците за намерните убиства, а бунтовничка група ја обвини владата за организирање на убиства за нарушување на мировниот процес.
Терористичката Исламска држава во последните неколку месеци ја презеде одговорноста за повеќето напади во главниот град, вклучувајќи и образовни институциим во кои беа убиени 50 лица, повеќето студенти. ИД ја презеде одговорноста и за ракетните напади во декември насочени кон главната американска база во Авганистан, кога немаше жртви.
На почетокот на јануари талибанците и авганистанската Влада ги продолжија мировните разговори во Катар.