Авион „Цесна“, кој непланирано прелетал над Вашингтон, се урна во американската сојузна држава Вирџинија и никој не ја преживеал несреќата, соопштија властите.
Полицијата објави дека спасувачите пристигнале на местото на несреќата и дека никој не преживеал, пренесе АП.
Авионот полетал од Тенеси, во неделата и се упатил кон аеродромот Мекартур на Лонг Ајленд.
Од непознати причини, авионот летал над Вашингтон пред да се урне над планински терен во близина на Монтебело, Вирџинија.
Авионот е регистриран на „Енкор Моторс“ од Мелбурн, со седиште во Флорида. Џон Рампел, кој ја води компанијата, изјави за Њујорк Тајмс дека во авионот биле неговата ќерка, двегодишната внука, нејзината дадилка и пилотот.
Тој рече дека се враќале дома во Ист Хемптон, Лонг Ајленд, откако го посетиле неговиот дом во Северна Каролина. Рампел рече дека Цесна паднала веројатно затоа што изгубила притисок.