Во авионската несреќа во Етиопија, што се случи денеска откако авион на „Етиопиан ерлајнс“ се урна неколку минути по полетување од Адис Абеба, загинаа државјани на повеќе од 30 земји.
Откако е објавен списокот на загинатите 157 патници и членови на екипажот, локалните медиуми јавија дека во авионот на летот ЕТ 302 од Адис Абеба кон Најроби имало луѓе од 33 националности.
Танјуг јави дека меѓу загинатите е и државјанин на Србија, кој работел во Светската програма за храна при Обединетите нации.
Австриските медиуми јавуваат дека меѓу настраданите се и тројца доктори кои се вработени во болницата во Линц, а кои патувале службено во Занзибар.
Од Словачка е потврдено дека загинале сопругата, ќерката и синот на еден пратеник.
Градоначалникот на италијанскиот град Бергам потврди дека во авионот биле и тројца членови на хуманитарната организација „Африка Тремил“. Меѓу осуммината загинати Италијанци е и регионалниот сицилијански претставник вработен во Министерството за култура.
Сомалиската радио-станица јави дека во авионот бил и претставник од протоколот на премиерот на Сомалија.
Авионот се урнал шест минути по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба, соопшти претходно авиокомпанијата.
Боингот 737 бил на редовен лет од Адис Абеба до главниот град на Кенија.