Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува усвоените измени во Изборниот законик донесени вчера, со кои платеното политичко рекламирање за време на изборните процеси што досега учесниците во изборите им го плаќаа на медиумите од своите сметки, ќе се плаќа од Буџетот на Република Македонија, преку Министерството за финансии.
Измените на Изборниот законик беа донесени по скратена постапка во Собранието на Република Македонија, а по претходен договор на лидерските средби на политичките партии.
Од АВМУ, наведуваат дека трошоците за платено политичко рекламирање и неговиот обем по медиумите досега беа ограничени од финансиските можности на политичките субјекти, додека новото решение овозможува тие да се зголемат затоа што ќе се плаќаат од парите на граѓаните.
Во европската пракса, се вели во соопштението на АВМУ, постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори, но за медиумите на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање, што не е случај во Република Македонија.
Според АВМУ, новата одредба за дополнителните лимити за платено политичко рекламирање на радијата и телевизиите, повторно не обезбедува еднакви услови за пристап до платеното политичко рекламирање за сите учесници во изборниот процес, затоа што им дава предност на партиите од власта и од парламентарната опозиција, а воопшто не предвидува време за рекламирање за независните кандидати.
Мешање во уредувачката слобода на медиумите е законското решение со кое учесниците во изборната кампања ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо медиумите, се вели во соопштението на АВМУ.
Од АВМУ реагираат дека наместо да се избрише обврската за мониторинг на медиумското претставување на интернет порталите по двегодишните укажувања од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија, граѓанскиот сектор и стручната јавност, затоа што е спротивна на европските стандарди, со измените обврски за мониторинг на порталите и се наметнуваат на Државната изборна комисија.