Заканите со тужби за новинари се директен пристисок врз работата на медиумите, наведува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) по изјавата на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, дека ќе покрене тужби против новинари и медиуми.
– Како што е наведено во Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа: „јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“. Секој, вклучително и носител на јавна функција кој смета дека медиум му наштетил на угледот, честа или интересите така што објавил нешто неточно, погрешно или лажно за него или објавил нецелосна информација има право од медиумот да побара да објави исправка или одговор на објавената информација – велат од Агенцијата.
Оттаму апелираат првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции.
– Заканите за тужби, наместо користењето на правото на исправка или одговор претставуваат загрозување на слободата на информирање и воопшто, на слободата на медиумите. Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да бидат критички настроени и коректори на власта и дека тие треба да се охрабруваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски кон јавноста – велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.