Вториот најнаселен град во Австралија, Мелбурн, ќе воведе петдневно брзо заклучување поради коронавирусот, а поголемиот дел од тенискиот турнир Аустралиан опен ќе се одржи без присуство на публика.
Во најновото жариште на Ковид-19, во карантински хотел во Мелбурн, главниот град на австралиската држава Викторија, се регистрирани 13 нови случаи на зараза од вчера на полноќ, а властите се трудат брзо да го спречат ширењето на вирусот, за кој е потврдено дека станува збор за позаразниот британски вид.
Премиерот на Викторија, Дениел Ендруз најави „локдаун“ во државата од денеска на полноќ, со што се забрануваат јавни собири, домашни забави, венчавки и верски собири.
Во врска со Отвореното првенство на Австралија, кое трае до 21 февруари, Ендруз истакна дека тенискиот турнир се смета како работен простор за кој важат новите ограничувања.
– Нема публика. Нема гужва. Само минимален број персонал, за да може безбедно да се работи. Овие луѓе се всушност на своето работно место, порача премиерот на Викторија.