Околу 445 лица починаа, а илјадници се хоспитализирани поради чад од неодамнешните пожари во Австралија, кои, исто така, предизвикаа големи здравствени трошоци од над две милијарди австралиски долари (1,3 милијарди американски долари), покажаа резултатите од официјалната истрага.
Помеѓу август и март, пожарите што избувнаа во австралиската дивина, обрасната со грмушки и шуми, се уништени повеќе од 12 милиони хектари земја, опожарени над 3.000 домови и загинати 33 луѓе во шест од осумте држави и територии на Австралија.
Чадот од пожарот го загади воздухот во австралиските градови, како Сиднеј и Канбера, каде нивото на загадување во јануари беше за 40 пати поголемо од дозволеното.
Дури 80 проценти од населението во Австралија било изложено на сериозни ефекти од чадот иогнот, велат експертите од Кралската комисија за природни катастрофи.
Професорката Феј Џонстон, од Универзитетот во Тасманија, тврди дека здравствените ефекти на чадот биле поголеми од самиот пожар, пренесува Хина.
Трошоците за лекување и закрепнување од чадот поврзани со предвремена смрт и итна хоспитализација се проценува дека надминувале две милијарди австралиски долари, четири пати повеќе отколку во 2002-2003 година, кога Австралија се соочи со својата втора најстрашна сезона на шумски пожари и загадување од чад.
Феј наведува дека податоците за прием во болница покажале дека 445 лица починале како резултат на негативните ефекти од чадот од неодамнешните пожари и дека имало 3.340 повеќе хоспитализации поради проблеми со белите дробови и срцето и 1.373 повеќе приеми во болница поради астма.
Тоа зголемување на бројот на смртни случаи и пациенти на болничко лекување се припишува на проблеми предизвикани од чад од пожарот, рече Феј.