Австралија се уште чека на повеќе од три милиона дози на вакцината „АстраЗенека“, што требаше веќе да пристигнат на континетот според нејзините претходни договори, изјави денеска австралскиот шеф на медицинската служба, Мајкл Кид, јави ДПА.
Кид кажа дека бавниот тек на кампањата за вакцинација против коронавирус делумно се должи на проблемите со снабдувањето од странство.
-Имавме проблеми со снабдувањето со вакцините од странство – над три милиона дози од вакцината „АстраЗенека“, за која е склучен договор да пристигнат во Австралија од странство, досега не се пристигнати, изјави Кид за денешната емисија на ТВ каналот „Девет“.
Европската унија го запре извозот на 250.000 дози на „АстраЗенека“, што на почетокот на март од Италија требаше да заминат за Австралија, користејќи го новиот механизам за забрана за извоз од Унијата доколку смета дека производителот не ги исполнил прво своите обврски од договорите со земјите од ЕУ.
Кид не посочи конретно на Унијата, но ден претходно, министерот за земјоделство Дејвид Литлрод, рече дека Австралија е „пократка“ за три милиона дози од ЕУ.
Министерот за здравство, Грег Хант, за бавниот почеток на кампањата во земјата ги обвини проблемите во синџирот на снабдување и рече дека локално направените дози на „АстраЗенека“ треба да го забрзаат процесот.
Австралија имаше цел до крајот на март да даде четири милиони дози, но вакцинираше само 842,000 лица откако пред повеќе од еден месец ја почна својата кампања на имунизација, објавија вчера австралиските медиуми.