Д-р Питер ЛЕЈН
(дел од интервју)
Умот на некој начин има свој сопствен ум, односно мозокот не ве контролира целосно. Ако вие сте вашиот мозок, тогаш ако се отстранат многу неврони, би очекувале тоа да има драматичен ефект врз вашиот ум.
Ако вие сте вашиот мозок, тогаш вашиот ум на крај мора да се објасни во рамките на физиката. И ако умот се состои од мозочни клетки и се отстранат многу од нив, тогаш би очекувале умот повеќе да не постои. Можеби би станале поинаква личност или, ако мозокот се подели, можеби би имало повеќе умови или два ума.
– Добро, но што се случува ако мозокот се подели? Може ли тоа да се направи?
Да, може. Бидејќи има луѓе кои имале тешка, неконтролирана епилепсија. Тоа значи дека не може да се запре, продолжува и се шири низ целиот кортекс и практично трае постојано. Тоа го прави речиси невозможно нормално да се живее со неа, затоа што се јавуваат силни напади. За да се спречи да се прошири на другата хемисфера, лекарите ја прекинуваат врската меѓу нив. Околу 200 милиони влакна што ги поврзуваат двете мозочни хемисфери се пресекуваат, односно врската се прекинува.
– Што се постигнува со тоа?
Па, не се постигнува толку многу. Во суштина, личноста и понатаму е иста. Повторно, ако се навратиме на книгата на Мајкл Егнор, тој правел такви операции и личноста и понатаму била истата личност како и претходно. Значи ништо суштински не се променило. Единствено прават некои посебни визуелни експерименти каде што предметите се поставуваат во дел од видното поле така што една хемисфера е исклучена. Тогаш, ако предметот се прикаже само на едната хемисфера, лицето може да го именува. Ако се прикаже на другата, лицето може да посегне по предметот, но не може да го именува. Но и тоа може да се надмине само со мало поместување на главата. Сепак, тоа е истата личност, истиот ум.
– Може ли човек да живее само со една хемисфера?
Да, може. Не би рекол дека е многу често, но има такви случаи, особено кај луѓе кои биле многу млади. Како деца или многу млади им биле отстранети цели мозочни хемисфери. Секако, тоа е многу трауматично, но тие сè уште се истата личност и нивниот мозок почнува да се приспособува.
– Значи немаат тешко оштетување на мозокот?
Има некакво оштетување, затоа што дел од врските се изгубени или повторно се создаваат. Зависи и што точно е отстрането. На пример, ако се изгуби дел од визуелниот кортекс, тогаш не се добиваат тие визуелни информации. Но личноста и понатаму е истата. Тоа е како кога ќе ги затворам очите, не можам да видам што се случува, но сè уште сум истата личност. Правени се и интересни експерименти со луѓе во кома. Долго време се мислеше дека тие не можат да комуницираат, но во некои случаи е документирано дека луѓе во длабока кома можат да одговорат. Тие се практично отсечени, не можат да се движат, не можат да ги користат сетилата, а често има и сериозно оштетување на мозокот. Но од нив било побарано да замислат или да испланираат нешто како одговор на прашање со „да“ или „не“. Кога го правеле тоа, кај нив се активирале истите мозочни региони како и кај здрави испитаници кога размислуваат за „да“ или „не“. Тоа значи дека кај некои пациенти, иако се во длабока кома, тие се всушност присутни, имаат ум и можат да размислуваат, но се како заробени во некаква празнина.
– Како знаат дека е така?
Тие немаат информации од надворешниот свет и не можат да комуницираат. Но ако некој ги тестира со современа функционална MRI технологија, може да се следи активноста во одредени делови од мозокот. Не кај сите, но кај некои пациенти е забележано тоа. Исто така има и познат пример со актерката Емилија Кларк од “Игра на тронови”. Наводно, откако почнала серијата и пред да заврши, таа имала операција на мозокот при која бил отстранет голем дел од мозокот. И наводно тоа не ѝ го нарушило животот воопшто.
–Продолжила да снима.
Веројатно земала боледување за да закрепне, но има период пред и после операцијата и таа е истата личност. Значи не изгубила дел од својот ум. Луѓето кои минуваат низ такви работи може да имаат некои невролошки проблеми, можеби со тек на време ќе се подобрат, но сепак се истата личност. Дел од прашањето е и како точно го дефинираме умот. Можеби последниот аргумент против материјалистичкиот поглед се искуствата блиску до смртта, таканаречените искуства надвор од телото. Постојат случаи каде луѓе кои биле клинички мртви успеале да опишат што се случувало во операционата сала, и тоа било потврдено од луѓето што биле таму. А тие, поради својата состојба, не би можеле да го видат тоа. Ќе ви дадам пример. Повторно, ако ја прочитате книгата „Immortal Mind“ од Мајкл Егнор, тој дава пример со жена по име Пам Рејнолдс, која денес веќе е почината. Таа имала мозочна аневризма, проширување на крвен сад во мозокот кој се полни со крв и течност. Проблемот е што може да пукне. Ако пукне, најверојатно ќе предизвика смрт или сериозно оштетување на мозокот. Но не можело едноставно да се оперира, бидејќи се работело за главен крвен сад. Тоа би можело да го предизвика токму она што се обидуваат да го спречат.
Затоа единствениот начин да се поправи бил, грубо кажано, привремено да ја „убијат“. Прво го запираат срцето, па срцето престанува да чука. Потоа мора да се осигураат дека мозокот е неактивен, нема мозочна активност. Пуштаат силни звучни сигнали за да проверат дали има реакции, проверуваат дали има активност. Потоа се осигуруваат дека нема крв во мозокот, односно ја одведуваат крвта од мозокот. Дури тогаш можат да ја извршат операцијата.
Успеале да ја поправат аневризмата. Но подоцна таа им раскажала што се случувало во операционата сала. Рекла дека слушнала како разговарале за тоа колку се мали нејзините крвни садови, дека мислела дека е несоодветно во позадина да се пушта песната Хотел Калифорнија. Спомнала и други детали, како звукот на хируршката дупчалка. Овие луѓе често имаат и други искуства, но овде зборувам само за делот со операцијата. Она што е важно е дека дел од тие информации биле потврдени од луѓето кои биле во салата.
Егнор не би го објавил тоа ако не верувал во информациите, особено со оглед на тоа што направил околу 7000 неврохируршки операции. И има многу други случаи документирани и од секуларни научници.
Тоа што се сугерира е дека во моментот на смртта умот на некој начин се ослободува од телото. Умот не исчезнува како што велат материјалистите. Телото и мозокот се распаѓаат, но умот се ослободува. Секако, многумина силно се спротивставуваат на ова, бидејќи идејата за нематеријален и бесмртен ум кој преживува по смртта не се вклопува во материјалистичката теорија.
– Тоа не се вклопува баш со таа теорија, нели? Оди во сосема друга насока.
Повеќе се вклопува со идејата дека умот или душата е дадена од Бог. Според Библијата, Божјата реч вели дека кога човекот умира, телото се распаѓа, но човекот има душа и дух дадени од Бог кои не исчезнуваат, туку продолжуваат да постојат. И всушност не е првата смрт таа од која треба најмногу да се плашиме, туку втората.
Библијата јасно кажува дека ние не сме само тело. Не сме само „машини од месо“. Имаме вечни, бесмртни души. Без разлика дали тоа го нарекувате дух, душа или ум. Но во суштина имаме нешто што трае вечно. Нема едноставно да исчезнете кога ќе умрете.
(Д-р Питер Лајн е австралиски невронаучник чија научна позадина е во електрофизиологијата на мозокот (како функционираат електричните сигнали во мозокот).
Подоцна станал познат по својата работа во палеоантропологијата од креационистичка гледна точка, особено критикувајќи ги еволутивните толкувања на фосилите од хоминиди.
авршил додипломски студии со насоки биофизика и инструментална наука.
Магистрирал и докторирал по невронаука, специјализиран за електрофизиологија на мозокот.
Поминал повеќе од една деценија врешејќи истражувања во невронауката.
Потоа работел повеќе од една деценија како универзитетски предавач предавајќи анатомија, физиологија, невроанатомија и клеточна биофизика.)



