Австрискиот канцелар Себастијан Курц не дозволува Австрија да прими бегалци од изгорениот бегалски камп Морија, на грчкиот остров Лезбос.
Во видео порака објавена на Фејсбук, Курц истакна дека не може да го прифати недостојниот систем за човештвото од 2015 година, кога почна мигрантската криза.
Тој најави дека Австрија ќе помогне на самото место за да се обезбеди достоинствено снабдување со луѓе.
-Не станува збор само за Морија, туку и за другите места во светот, кои не се во фокусот на јавниот интерес, рече австрискиот канцелар.
Тој посочи дека ќе се залага за унифициран пристап на ниво на ЕУ.
-Тоа што не ни треба е симболична политика, подвлече Курц, алудирајќи на германско-француската иницијатива за прием на деца и млади од логорот Морија.
Според него, потребна е постојана поддршка за погодените региони, економска перспектива за африканскиот континент и ефективна заштита на надворешната граница на ЕУ.
-Во летотот 2015 година имаше ужасни слики на железничката станица во Будимпешта, што доведе до тоа европската политика да подлегне под притисокот и да ги отвори границите. Потоа, прво тргнаа илјадници, па десетици илјади, и на крај еден милион луѓе, а шверцерите заработија огромни пари, додека многу луѓе се удавија во море, рече Курц.
Курц во видео порака негираше дека Австрија не прави ништо за бегалците. Тој потсети дека Австрија годинава примила 3.700 деца, што е околу 100 деца неделно, кои добија позитивно решение за азил.