Претседателот на австрискиот Парламент за в понеделник го закажа гласањето доверба на канцеларот Себастијан Курц, чија коалициска Влада се распадна по скандалот во кој беше вклучена крајнодесничарската Слободарска партија (ФПО).
Претседателот на парламентот Волфганг Соботка, кој како и Курц е член на Австриската народна партија (ОВП) денеска предложи предлогот за гласање доверба да биде на дневен ред по изборите за Европарламентот закажани за в недела „поради мирна расправа, втемелена на факти“.
Во меѓувреме, претседателот на Австрија Александер Ван дер Белен ги разреши сите министри од редовите на ФПО освен шефицата на дипломатијата Карин Кнајсел, која влезе во Владата на предлог на ФПО, но како натпартиска личност.
Австрискиот претседател рече дека поединечно ќе ги разгледа сите предлози за пополнување на испразнетите министерски места.
Кнајсел изјави денеска дека чувствува обврска како независен експерт да го продолжи започнатиот курс и оти на својата земја и натаму и стои на располагање.
– Како што најави претседателот Александер ван дер Белен одлучив да ја ставам на располагање својата функција како независна министерка за надворешни работи и интеграции. За моето останување на функцијата ќе одлучат органите надлежни согласно Уставот, наведе Кнајсел.
ФПО изминатиов викенд остана без лидерот и потпретседателот, Хајнц Кристијан Штрахе и Јохан Гуденус, откако се појавија видео снимки од 2017 година на кои се гледа како на една наводна внука на руски милијардер наводно ѝ нудат државни зделки за финансиска поддршка на нивната партија. Курц вчера го разреши министерот за внатрешни работи Херберт Кикл, со што целосно ја прекина соработката на ФПО.
Но политичката криза во Австрија не запре на разрешувањето министри од редовите на ФПО, туку политичка одговорност се бара и од канцеларот. Предлогот за гласање недоверба го поднесе малата опозициска партија Јец (Зелени), но социјалдемократите и ФПО не ја исклучија можноста да и дадат поддршка, што би им овозможило да го сменат претседателот на Владата пред предвремените избори планирани за почетокот на септември.
Аферата веројатно ќе се одрази и на еврозиборите
Скандалот кој ја потресува австриската политичка сцена почна во саботата, со објавувањето на тајни снимки, што резултираше со оставка на Штрахе од сите функции, а потоа и со заминувањето на сите министри од Слободарската партија од Владата. Но дел од опозицијата оценува дека и канцеларот Курц треба да го стави својот мандат на располагање пред предвремените избори во септември.
„Сакаме преодната влада во целост да биде составена од експерти, бидејќи веруваме дека само такво решение може да обезбеди сигурност и стабилност во овој тежок момент“, оценуваат денеска социјалдемократите.
Експертите истакнуваат дека ова е третпат Слободарската партија да влегува во владата и да излегува од неа како последица на некој скандал. Но, дел од европските медиуми потенцираат дека компромитирачката снимка е од 2017 година, а објавена е дури сега, на само неколку дена пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент. Според хрватскиот експерт за меѓународни односи и дипломатија Горан Бандов оценува дека скандалот претставува и удар на популистите во Европа.
– Популистичките партии се во силен раст. Слободарската партија е една од најсилните популистички партии во Европа, заедно со „Лига“ на Италијанецот Матео Салвини и унгарската ФЕДЕС – Унгарска граѓанска алијанса на Виктор Орбан. Во прашање е еден нов политички фронт, кој сега, пред европските избори, ќе биде силно нарушен, оцени Бандов.
– Оставката на австрискиот вицеканцелар и лидер на десничарската Слободарска партија (ФПО) Хајнц-Кристијан Штрахе е добар знак за Западен Балкан бидејќи таа политичка сила не работеше во интерес на проширувањето на ЕУ, оцени Флоријан Бибер, експерт на Балкан од Универзитетот во Грац. Со заминувањето на Штрахе, според Бибер, се намалува и влијанието на екстремните националистички сили во југоисточна Европа врз австриската Влада.
Моментот го искористија и политичарите од „мејнстрим“ партиите во Европа, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел и ги повикаа гласачите да ја избегнуваат крајната десница на изборите за Европскиот парламент.
Британски „Гардијан“ оцени дека центристичките лидери ширум Европа изразиле надеж дека падот на Штрахе ќе се одрази на резултатите на неговата, но и на другите екстремно десни партии на евроизборите, кои ќе се одржат од 23 до 26 мај. Според досегашните анкети, популистите, националистите и екстремната десница би требало да остварат значително подобри резултати од досега.
– Пред неколку месеци Марин Ле Пен го фалеше Хајнц-Кристијан Штрахе и велеше дека е импресивен. Тој беше принуден на оставка. Дознавме зошто: фатен е како се обидува да ги продаде своите услуги на странски служби. Зад ова националистичко движење стои потчинување пред странски сили, коментираше францускиот министер за економија Бруно Ле Мар.
И Меркел остро ги критикуваше „политичарите на продажба“, тврдејќи дека ЕУ се соочува со „популистички движења кои во многу подрачја се полни презир кон европските вредности, кои сакаат да ја уништат Европа“.
– Мораме одлучно да се спротивставиме на тоа, порача Меркел.
Германската министерка за правда Катерина Барли ги предупреди конзервативците да не коалицираат со популистите. „Долго беше јасно дека десничарските популисти ја дестабилизираат нашата демократија. Себастијан Курц и ОВП ги доведоа во Владата…случајот со Штрахе е предупредување до сите конзервативци: не соработувајте со крајно десните популисти“, предупреди таа преку Твитер.
Политичарот од редовите на ФПО и главен кандидат за изборите за Европскиот парламент Харалд Вилимски инсинуираше кои политички сили би можеле да стојат зад „целното пласирање“ на две години стариот компромитичрачки материјал во јавност.
– Кому сето ова му користи? Ова им користи на Јункер, Меркел и Макрон, заклучи Вилимски.
Ибица скандал
На снимките кои ги објавија „Дер Шпигел“ и „Зидојче цајтунг“ Штрахе и неговиот соработник Јохан Гуденус, до неодамна шеф на пратеничката група на ФПО, во јули 2017 година, на два месеци пред парламентарните избори во Австрија во вила на Ибица разговараат со една жена која се претставува како внука на руски олигарх, кој сака да вложи 250 милиони евра во австриската економија. Иако соговорничката во неколку наврати повторува дека станува збор за нелегални пари, Штрахе и Гуденус на наводната инвеститорка и нудат да го купи и најтиражниот австриски дневен весник „Кронен цајтунг“.
„Ако на три недели пред изборите го преземете Кронен цајтунг и нè поддржите за да дојдеме до врвот, тогаш можеме за сè да зборуваме“, вели Штрахе во видеото.
По објавувањето на т.н. Скандал Ибица, Штрахе веднаш поднесе оставка и се извини.
– Жал ми е. Тоа беше глупаво, неодоговорно и една голема грешка и поради тоа на канцеларот Курц му ја понудив оставката и тој прифати, изјави тогаш Штрахе. Тој вели дека под влијание на алкохол сакал да ја импресионира надводната руска инвеститорка за што се извини и на сопругата. Но проблемите за Штрахе не завршуваат тука, со оглед на тоа дека австриските медиуми денеска јавуваат дека неговата 20 години помлада сопруга Филипа Штрахе. Освен што договара примање мито, Штрахе на снимката го оговара и канцеларот Курц, а во еден момент за наводната внука на руски олигарх веле дека е „многу добра“.
– Во шок сум и морам да си ги средам мислите. Тоа што се случува во последните денови, едноставно ми е премногу. Но некои работи те прават посилен, изјави Филипа Штрахе, поранешна манекенка и телевизиска водителка, која со доскорешниот вицеканцелар има син, роден на почетокот на годината.
Во своето извинување Штрахе потенцираше дека ги повредил тие што најмногу ги сака, но негира дека направил нешто нелегално.
Инаку, рускиот олигарх кој се спомнува во видеото Игор макаров во неделата изјави дека не е во роднинска врска со жената на снимката. Одговарајќи на новинарско прашање, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков потенцира дека видеото „нема врска ниту со Русија, ниту со претседателот, ниту со Владата“.
– Не знаеме која е таа жена, ниту дали е од руско потекло и дали има руско државјанство, појасни Песков.