Австрискиот политичар Кристијан Шлихер од „Слободарската партија на Австрија“ поднесе оставка на функцијата заменик градоначалник на Браунау на Ина откако неговата антимигрантска песна предизвика жестоки реакции во земјата.

Тоа го потврди и вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе, партиски колега на Шлихер, кој рече дека тој ќе ја напушти и партијата ФПО.

Во песната Шлихер ги споредува мигрантите со стаорци и предупредува на опасноста од мешање култури. Во поемата се вели „како што ние живееме овде долу, другите стаорци кои доаѓаат како гости или мигранти, вклучувајќи ги и оние кои не ги знаеме, мора да го споделуваат нашиот начин на живот! Или веднаш да си одат оттука!“.

На поемата објавена во локалниот весник на Слободарската партија на Австрија регираше и канцеларот Себастијан Курц, кој е во коалиција со ФПО од 2017 година, побара огранокот на таа партија да се огради од текстот.

– Изборот на зборови е одвратен, нехуман и длабоко расистички, истакна Курц.

Шлихер изјави дека замислата му била поемата да биде провокативна, но не му била намерата да навреди кого и да е. Со цел да не нанесе понатамошна штета на партијата, тој поднесе оставка на функцијата заменик – градоначалник на Браунау на Ина, инаку родното место на Адолф Хитлер.