Австриската компанија „Саубермахер“ која ќе управува со отпадот во Тетово, промовираше камиони и корпи за собирање и одлагање на отпад. Градоначалникот на општината, Биљал Касами рече дека ќе продолжи да се залага градот да биде што почист, објавува ТВ 21.
-Нашата визија заедно со компанијата е да обезбедиме чист и развиен град за сите нас. Затоа е потребна сечија соработка бидејќи само на тој начин ќе дојдеме до модерно и ефикасно управување со отпадот. Полека чекориме по патеката на која работиме овие две години. Нашата работа не завршува тука-изјави Касами.
Претставникот на компанијата, пак, рече дека ќе биде потребна и соработка од тетовци со цел Тетово да стане чист европски град.
-Нашиот тим и јас го гледаме како наша обврска да дадеме придонес за општеството и животната средина, за идните генерации да можат да живеат во чиста и недопрена животна средина. Ова е причината зошто за мене е особено важно да го поддржам Тетово во воспоставување еколошки систем за собирање отпад, за Северна Македонија и Тетово да добијат европски еколошки стандарди и на нашите клиенти да им ги понудиме најдобрите можни совети и услуги-рече Ханс Рот од „Саубермахер“.
Во првата фаза, општината заедно со компанијата „Саубермахер“ ќе брои 100 работници ангажирани за чистење на градот, а ќе се заменат сите контејнери за смет во градот. Дополнително ќе се ангажираат и камиони за собирање отпад. Од „Саубермахер“ најавија дека во иднина се очекува и зголемување на работната сила, како и на потребната механизација.