Австриската нафтена компанија ОМВ ја поддржува изградбата на гасоводот „Северен поток 2“ меѓу Русија и Германија и покрај заканата од САД за санкции, изјави извршниот директор на компанијата Рајнер Силе.
– Овој проект е од голема важност за безбедноста во снабдувањето на европскиот пазар на гас и затоа за него ќе одлучува Европа, рече Силе за виенскиот дневен весник Винер Цајтунг во интервју објавено во саботата.
– Со САД со децении нè поврзува длабоко трансатлантско пријателство, а пријателите не треба да се закануваат едни на други, додаде шефот на австриската компанија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, минатата недела изјави дека Стејт департментот внимателно ги следи напорите за завршување на гасоводот и ги проценува податоците за субјектите кои, како што се чини, учествуваат во проектот.
– Сите компании би требало веднаш да го раскинат својот ангажман, во спротивно тие се изложени на ризик од американски санкции, рече Блинкен.
По предупредувањето на Вашингтон дека може да бидат санкционирани, речиси 20 компании се повлекоа од проектот.
Директорот на ОМВ се надева дека проектот ќе биде завршен.
Австриската компанија е член на конзорциум предводен од руски Гаспром, кој гради гасовод вреден 9,5 милијарди евра. Други членови на конзорциумот се германски Унипер и Винтершал Деа од БАСФ, британско-холандската Ројал Дач Шел и француската Енжи.