Австријците се сè повеќе незадоволни од управувањето со корона кризата во периодот од првиот до вториот бран, покажуваат податоците во истражувањето на институтот „Маркет“.
Во текот на пролетта, 78 проценти од граѓаните беа убедени дека Австрија подобро се справува отколку другите земји-членки на ЕУ, додека на почетокот на овој месец, само 11 отсто од испитаниците го имаа тој став. Дури 26 проценти од Австријците се на мислење дека Австрија понеуспешно се бори против вирусот од другите во ЕУ.
Половина Австријци, исто така, сметаат дека владата не постапува внимателно кога станува збор за трошоците поврзани со корона кризата. Во тој контекст беше и забелешката на австрискиот пратеник од Слободарската партија Михаел Шнедлиц кој се спротистави на масовното тестирање на населението со брзи антигенски тестови. Тој вели дека масовното тестирање чини многу пари, а резултатите се неверодостојни. За таа цел, тој изведе мал перформанс во Парламентот, па изведе антигенски тест на Кока Кола. Тој истури една капка од сокот на тестот, а резултатот беше позитивен. Шнедлиц со својот експеримент сакаше да посочи на тоа дека брзите антигенски тестови се бескорисни, а даночните обврзници ги чинат неверојатни 67 милиони евра.
На 4 декември во Австрија почна бесплатно масовно тестирање со помош на антигенски тестови, а со цел да се откријат асимптомските случаи. Викендов ќе се одвива вториот круг од масовното тестирање, а австрискиот канцелар Себастијан Курц вчера упати драматичен видео апел, барајќи од граѓаните да се тестираат, бидејќи одзивот досега е многу низок.
Тој посочи дека има „многу причини зошто овие тестови се голема шанса во борбата против пандемијата“ за Австрија. – Најважната причина е што околу 100 луѓе умираат секој ден во Австрија, така што и вие можете да придонесете и да спасите животи со прекинување на синџирот на инфекција – објасни австрискиот канцелар, посочувајќи ги економските последици од пандемијата Ковид-19 и рестриктивните мерките со кои се ограничуваат основните слободи на Австријците.
Поради актуелниот голем број смртни случаи, европскиот мониторинг на морталитет „Еуромомо“ ја карактеризира Австрија како земја со „надпросечно висок морталитет“, што значи дека многу повеќе луѓе умираат од вообичаеното во овој период од годината.
Изразено во бројки, во ноември во Австрија дури една петтина од смртните случаи биле заболени од Ковид-19. Во споредба со првиот бран на коронавирусот, кога 7.090 луѓе починаа во Австрија за четири недели од 23 март до 19 април и 499 или 7 проценти од нив беа заразени со коронавирус, во четири недели од вториот бран, од 2 до 29 ноември, починаа 9.131 лице, од кои 2.065 или 22,6 проценти биле заразени со коронавирус.