Без Русија, нема мир во Европа, изјави претставникот на Партијата на слободата на Австрија (ФПО) Рајнхард Беш.

Тој во интервју за виенскиот дневен весник Кронен цајтунг вели дека е неопходно да се зачува основата за разговори со Русија, бидејќи Русија ќе има и по војната и по Владимир Путин.

– Потребен ни е разговор со Русите ако не сакаме целосно да ја уништиме економијата на Европа со ембарго за гас, вели Беш.

Тој смета дека Австрија требало повеќе да се ангажира како неутрална земја на почетокот на војната, бидејќи имала можност да воспостави односи со Русија. Додава дека унгарскиот премиер Виктор Орбан е повешт во овој поглед.

– Тој се приклучува на одредени санкции, но не е подготвен да учествува во неконтролирано заострување на санкциите. Јас го поддржувам тоа. Никој нема ништо против запленувањето на јахтите на олигарсите, но кога станува збор за гас, се работи за потребите на европските економиии. Повеќето компании зависат од гасот. Ако прекине испораката на гас, економијата паѓа, вели Беш.

Запрашан за неговиот став во врска со испраќањето оружје во Украина, Беш посочи на воинствените активности на Зелените во Германија и Австрија.

– Не можете да го поттикнете конфликтот и да создадете победник со испорака на оружје. Тоа е историска грешка што ЕУ ја прави во моментов, смета заменикот на ФПО.

Беш смета дека ЕУ си дозволува да се лизне во насока на самоуништување и војна, на крајот од кои третата „насмеана страна“ ќе бидат не само САД, туку и Кина и Индија.

– Ние, Европејците, требаше да извлечеме поуки од двете светски војни. Требаше да бидеме посамоуверени и јасно да укажеме дека се работи за европски интереси и мир. Без Русија, мора да бидеме свесни за тоа, нема да има мир во Европа, заклучува Беш.