Автобус со туристи, меѓу кои имало и голем број деца, од Србија се преврте во канал на автопатот Тракија кај градот Стара Загора, соопштија бугарските власти. Инцидентот се случил околу 20:10 часот на 216. км во правец на Софија.
Според првичните информации има најмалку 12 повредени патници, меѓу кои 8 деца и четворица возрасни. Две лица се тешко повредени, од кои едното е дете.
Сообраќајот на овој дел од автопатот е ограничен за да се обезбеди зелен коридор за транспорт на повредените до болницата во Стара Загора.
На местото на настанот пристигнале 5 полициски и 5 екипи на противпожарната служба, како и Итната помош, а многу патнички возачи застанале и помогнале да се извлечат повредените лица и децата од автобусот. Меѓу повредените е и возачот на автобусот.
Туристите од Србија се враќале од одмор на бугарското црноморско крајбрежје. Причините за сообраќајната несреќа засега се непознати.