Околу 450 кампери од Автокампот „Крани“ тврдат дека со години биле манипулирани – надоместокот за користењето на камповите да го плаќаат на концесионер кој всушност и не бил концесионер, објабува ТВ АЛФА. Според прибавените документи, Автокампот не постои во катастарските книги, туку постои само парцела од земјоделско необработливо земјиште во сопственост на државата, велат камперите. Овој податок го откриле случајно пред две години, кога концесионерот „ДОЕЛ Трпеновски“ дури за 150 проценти им ги зголемил давачките. Камперите, сега веќе организирани во здружение, најпрвин на неколку наврати протестираа, а подолго време правдата ја докажуваат и низ надлежните судски институции.
„АК „Крани“ од 2004 година до ланската година работи на незаконски начин, без регистриран АК. Исто така поведовме судска постапка за ништовност на Договорот каде што и тие во самиот Договор наведуваат дека не се сопственици, а склучиле Договор – „Агрполод“ со „ДОЕЛ Трпреновски“ за користење на АК „Крани“. Фактички, за нешто што не е нивно си склучуваат самите договор и им наплаќаат на 450 кампери секоја година“, – вели Владо Атанасовски, претседател на Здружението за одржлив развој на Преспа – АК Крани, Ресен.
Камперите обвинуваат дека, како што го нарекуваат – т.н. концесионер, на незаконски начин стопанисувал со државен имот, пришто освен што лично профитирал, тој нанесувал огромна штета и на државата. Затоа тие поднесле соодветни пријави до сите судски инстанци, до Финансиската полиција, до Организиран криминал, но и до Народниот правобранител, со цел, како што велат, заштита на имотот на државата.
„Пуштија писма каде што бараат да им се плати за минатата година, кога АК не работеше, а и за 2023 год., и во рок од 8 дена да потпишат договор. Во 2022 година ние камперите немавме потпишано ни Договор, ни ништо. Јас го повикувам Државниот правобранител не да не заштити нас, туку да ја заштити земјата која што е имот на државата РМ и да побара времена мерка до завршувањето на судските постапки“, – објаснува Атанасовски.
Од „ДОЕЛ Трпеновски“, категорично ги отфрлаат сите овие обвинувања за нивно незаконско работење, иако признаваат дека АК навистина го нема во катастастарските книги и не е категоризиран. Но, според концесионерот Никола Трпеновски, постапката за доприватизација на Кампот од страна на „Агроплод“ подолго време била во процедура. Вели дека ги имаат сите доказни документи, а досега, дури во нивна полза одлучиле и некои од судовите каде се водат постапките.
„Поради тоа што сите кампови кои се на територија на РМ се уште не се категоризитани, а тоа заради неспроведливоста на Закон од 2014 година, што е јавна тајна, и поради тоа што во документите се уште стои дека АК „Крани“ не е доприватизиран, односно е на државно земјиште, камперите си креирале став дека Камп не постои, дека не е легален и дека ние работиме незаконски, што е ноторна лага“ – дециден е концесионерот Никола Трпеновски.