Најважно е да имате чиста душа и да го работите тоа што го сакате, се друго е минливо, вели Нина Свилариќ единствената автомеханичарка во Белград.
Автомеханичарката од соседна србија открива дека на 17-годишна возраст, кога првпат влегла во своето возило, сфатила дека тоа ја интересира многу повеќе од просечна жена возач.
Така почнува приказната за автомеханичарката Нина, која сега работи во сервис за автомобили.
– Работилницата, првиот сервис за автомобили, кога ги видов сите алатки, едноставно ме заинтересира. Во исто време завршив машинско училиште, кое исто така важи за машко училиште, па сè некако се спои, вели таа.
Работата не е тешка, додава Нина, за оние кои сакаат да ја работат, а современите технологии и алатки им овозможиле на жените да немаат пречки да го работат тоа.
Луѓето, вели, многу се изненадени кога ќе видат женско лице во работна облека да поправа автомобил.
– И семејството и пријателите на почетокот беа скептични за мојата работа, но подоцна прифатија, кога видоа дека сето тоа може да се постигне. Околу 80 отсто од клиентите се изненадени, има дел на кои тоа не им се допаѓа, но повеќето се презадоволни и среќни кога ќе ме видат, вели Нина за ТВ Нова С
Таа додава дека има коментари „како може толку убава жена да ја работи таа работа“, но вели дека секој треба да се бори да го работи тоа што го сака.
Сопственикот на автосервисот Ѓорѓе Шљукиќ каде што работи Нина, не жали што ја вработил оваа упорна девојка.
– Нашето интервју за работа траеше буквално пет минути, таа девојка си ја сака работата, а тоа е првиот предуслов да стане вистински мајстор – не работник, туку мајстор. Значи не е важно дали си машко или женско. Нина го покажа тоа и веќе е јасно дека има желба да учи и има голем потенцијал, изјави Шљукиќ.
Автомеханичарката Нина е решена да успее во нејзините желби.
– Мојата порака до сите е да се борите за себе и да ги следите своите соништа. Можеби рацете ќе ви бидат малку валкани, но најважно е да имате чиста душа и да го правите тоа што го сакате, се друго е минливо, вели автомеханичарката од Белград.