Тешка несреќа се случи во холандскиот град Нунспет вечерва кога автомобил удри во луѓе собрани за време на традиционалната светлосна парада. Според последните информации, најмалку девет лица се повредени, од кои тројца потешко.

Настанот бил веднаш прекинат, а бројни екипи на службите за итни случаи се на местото на настанот.

Инцидентот се случи на Елбургервег, а голем број служби за итни случаи, вклучувајќи неколку амбулантни возила и три медицински хеликоптери, веднаш беа испратени на местото на настанот. Регионалните медиуми објавија дека автомобилот удрил во луѓето што ја гледале парадата. Фотографиите од местото на несреќата ја покажуваат улицата преполна со возила на службите за итни случаи.

Полицијата ја опиша несреќата како „сериозна“ на социјалната мрежа „X“. Во подоцнежна објава, тие потврдија дека девет лица се повредени, од кои тројца потешко. „Во овој момент, се чини дека нема намера“, соопшти полицијата, но во тек е детална истрага за точната причина за несреќата. Состојбата на повредените сè уште не е позната, а властите сè уште не потврдија дали некој е уапсен.

По несреќата, организаторите на годишната светлосна парада, која традиционално поминува низ четири села, објавија на Фејсбук дека настанот повеќе нема да се одржи низ Нунспет поради инцидентот. (МИА)