Бизнисот мора да бара чаре кога државата не ги решава инфраструктурните проблеми. Природно е тој да се сврти кон Албанија и Грција зашто на тие правци нема „стражи“, „пресеки“, „ѓавата“.
Вака претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во својата најнова колумна се осврнува на се уште нерешеното прашање со превојот „Стража“, квалификувајќи го како апсурд.
Тој воедно ја реафиримира и идејата за градење тунел на релација Скопје – Охрид. Ваквата идеја, нагласува, ја оправдуваат најмалку три аспекти: економичноста, брзината и одржувањето кое ќе биде и полесно и поевтино. И студиите на Градежниот факултет од Скопје ја потврдуваат тезата за оправданоста за изградба на тунел на овој правец, но, како што дополнува претседателот на Комората, недостасуваат желба и упорност.
Азески е убеден дека во последните 50 години, потрошените пари за одржување на планинските превои во западна Македонија, ќе исфинансираа тунел на релација Скопје – Охрид.
Според него, логично се поставува прашањето за излез на тој регион од една географска блокада која го отсекува од комуникациите со главниот центар во државата, но и со главните комуникации кон север, значајни за бизнисот.
-И по сто пати поставеното прашање: како можеше една од најголемите градежни оперативи да не го реши прашањето до денес и дали за тоа постои одговорност? Сметам дека нелогичностите поврзани со определени појави или случувања кои ги нарекуваме апсурди се често тема која сите ја одбегнуваат затоа што се врзани за непријатни или несакани случувања во минатото или денес. Јас сметам дека за таквите апсурди треба отворено да се зборува, не за да се наоѓаат мани или забелешки на надлежните инситуции или лица кои не посветиле доволно внимание за таквите појави да станат апсурди, туку затоа што можеби ваквите апсурдни ситуации би можеле да бидат надминати доколку за нив сѐ почесто се зборува и се истакнуваат како проблем за кој конечно треба да се најде решение, наведува Азески.
Расположливите податоци од ЈП „Македонија пат“ за периодот 2010 – 2015 година покажуваат дека потрошените средства за зимско одржување на патиштата во државата во текот на една година, во просек биле околу 400 милиони денари, од кои просечниот износ за одржување само на автопатите во зимскиот период изнесувала 65.870 денари по километар.
-Во недостиг на официјални податоци, за планинските превои може само да се претпостави колку средства се потребни. Сигурен сум дека во овие педесет години, потрошените пари за одржување на планинските превои во западна Македонија, ќе исфинансираа тунел на релација Скопје – Охрид. Да не зборувам за тешкотиите на камионџиите кои ја превезуваат стоката во зимски услови, бидејќи нема пруга, како и за жртвите и опасностите кои демнат на секој чекор, истакнува претседателот на Комората.
При отворањето на регионалната комора во Кичево, пред десет години, Азески јавно кажал, потсетува, дека Охрид и Кичево имаат заеднички непријател кој се вика „Стража“, како и дека не смее да се дозволи нашите предци пред педесет години да го решат прашањето на железничката пруга со пробивање тунел, а сегашните генерации да не го направат тоа до денес.
-Од тогаш поминаа десет години. Не само што тоа прашање не се реши, туку не се доврши ниту автопатот од Кичево до Охрид кој и понатаму, Охрид, како најголем туристички центар, и целиот регион го држи во економско заробеништво. Ако тргнеш преку Дебар ќе те пречека Маврово, ако тргнеш преку Битола ќе те пречекаат Ѓавато и Плетвар, а кон Стража има и уште еден планински превој, некогаш поопасен и од Стража, наречен Пресека, заклучува Азески.