Државата им припаѓа на граѓаните, не сте ја добиле од татко ви, па да ја делите и да ја продавате парче по парче, им порача пратеникот Аднан Азизи на Али Ахмети и на партијата ДУИ.
Азизи, пратеник од коалицијата Вреди, така ја коментира идејата на ДУИ за поделба на Македонија на региони, според примери од Белгија и Северна Ирска, од минатите векови.
Азизи, како што објави порталот на албански јазик Алфакс, пишува дека ДУИ прејде од „Зелената во Национална агенда“, но не од национални причини, туку заради пазарење.
– Не, ви гарантирам дека овој сон нема да се оствари, им порачува Азизи на ДУИ.
Оваа изјава Алфакс ја пренесува од објавата на Азизи на неговиот профил на Фејсбук:
– Додека беше во владата ДУИ имаше апсолутна власт и крадеше без мера, ја пљачкаше државата од секој можен аспект, ја уништи секоја институција на државата и ја направи нефункционална, а сега велат дека божем сакаат да ја делат. Ова го докажува нивниот менталитет дека државата е нивна приватна сопственост, која можат да ја третираат како што сакаат. Но, државата им припаѓа на граѓаните, не сте ја добиле од татко ви, па да ја делите и да ја продавате парче по парче!- потенцира Азизи.
Свесни сме, додава Азизи, дека прашањето на поделбата е нивна дневна политика, за да се обидат да избегаат од одговорноста за криминалот што го направиле.
– Не, ви гарантирам дека овој сон нема да се оствари, бидејќи државата и народот не сте ги добиле од татко ви, туку државата им припаѓа на сите граѓани.