Чешкиот премиер Андреј Бабиш, по повод договорот во Германија за отворање на транзитни центри за мигранти и бегалци во австрискиот пограничен регион, изјави денеска дека се надева оти Италија и Грција сфаќаат дека Германија им сигнализира да ги затворат своите граници за бегалците.
-Германија јасно стави до знаење дека оној кој ќе дојде во Италија или Грција нема право да бира да живее во Германија. Претпоставувам, дека Италија и Грција ова ќе го разберат и ќе ги затворат границите, рече Бабиш.
Бабиш и вицепремиерот на неговата влада, привремениот чешки шеф на дипломатија Јан Хамачек за дневникот Право оценија дека поради договорот во Германија и евентуалната контрола на границата на Австрија, за сега нема потреба Чешка да воведе контрола на своите граници.
-Ако биде потребно, ќе воведеме контрола. Тоа е причината зошто на 22 јуни го свикав Советот за национална безбедност да се уверам дали сме подготвени на таква варијанта. Мигрантите одат од Италија преку Австрија во Германија и Чешка не е на нивниот пат. Но, ја следиме ситуацијата и сме подготвени да реагираме, изјави Бабиш.