Платежната агенција и годинава ќе ја исполни законската обврска за исплата на субвенциите за овоштарите до 30 јуни годинава, а до крајот на март или на почетокот на април ќе ја исплатиме мерката за одржување овошни насади, потврди денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
-Ќе направиме напор заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со овоштарите, основната мерка за одржување на овошни насади да ја исплатиме на крајот на март или на почетокот на април заради состојбата со која се соочуваат производителите на јаболка, рече Бабовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Платежната агенција.
Тој посочи дека не е спорно ни едно од трите барања на производителите, откупувачите и преработувачите на јаболка од ресенскиот дел што беа изнесени на вчерашната средба во Скопје.
-За дополнителната мерка за исплата на три денари се договоривме дека ќе биде исплатена во законскиот рок до 30 јуни, а за можноста да се реши моменталниот суфицит на конзумно и индустриско јаболко на пазарот се договоривме да се изнајде соодветно законско решение до 1 март, рече Бабовски и најави дека до крајот на месецов ќе има итензивни разговори на сите субјекти за наоѓање на соодветно решение