Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски денеска ги отфрли тврдењата дека протеински јогурт со зголемено присуство на афлатоксин од Србија е пласиран на македонскиот пазар.
Ваквите тврдења претходно во јавноста ги пласираше претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО – ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.
Бабовски вели дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се за собирање ситни политички поени и злоупотреба на чувствата на народот.
Директорот на Агенцијата вели дека двете пратки пробиотски јогурт веќе се вратени во Србија.
Трипуновски вчера побара оставка од Бабовски и презентираше докази дека во протеински јогурт од Србија и во млеко од една млекарница од Македонија имало амфлатоксин над дозволената граница.
Бабовски вели дека неговата денешна изјава не е одговор на манипулациите на Трипуновски, туку е објаснување за граѓаните, за тие да бидат сигурни дека она што е на рафтовите во маркетите и продавниците е безбедно и контролирано од институциите.
„Со изнесување т.н. факти, презентирајќи лабораториски наоди за небезбедно млеко со афлатоксин, кои во ниту еден момент не ги демантираме како институција, тој, непознавајќи ги процедурите за работа и законските прописи, несвесно, не само што ги доведува во заблуда потрошувачите, туку кај нив шири страв за безбедноста на храната која ја консумираат и за нивното здравје“, рече Бабовски.
Тој вели дека пред да се пуштат во промет, пратките млеко и млечни производи кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина се проверуваат уште на граничните премини.
Со таканаречен брз тест од страна на АХВ било утврдено и афлатоксин во сурово млеко откупено од домашни производители, но потоа бил направен и потврден тест од страна на Факултетот за ветеринарна медицина, кој бил негативен на афлатоксин, па
суровото млеко може да се употреби од млекарницата за преработка.