По повод денешниот празник Бадник, во Соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија Свети Кирил и Методиј во Тетово, надлежниот Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Василиева Литургија. Тој потоа ги благослови децата бадникари кои тргнаа со поворка од Соборниот храм Свети Кирил и Методиј пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ со која се најави Рождеството Христово низ градските улици и булевари.

Неколку стотини деца откако заврши празничната служба во црквата, ја формираа Бадниковата поворка која се одржа и покрај силниот дожд.

– Како ваш надлежен владика, ме радувате и ве пофалувам што ревносно и богољубиво ја чувате верата, празниците и нашите традиции, кои особено тука во наше убаво Тетово ги имаме многу. Наоѓајќи се во предвечерието на големиот празник Рождеството на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, во овој свет храм во Тетово, треба да се потсетиме на големата улога и значењето на овој историски настан. Во оваа свештена ноќ на светот ќе му се јави големата благочестива тајна на Боговоплотувањето. Без оваа тајна светот сè уште ќе офкал од тежината на гревот и на злото. Од преголемата љубов кон севкупното создание, а пред сè љубовта кон човекот, Синот Божји во еден историски момент ќе се воплоти во човечко тело, истакна владиката г. Јосиф во празничната беседа.

Поворката ја помина и вообичаена патека на движење од црквата кон плоштадот, пазарот по што продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па се до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Поворката се движеше и по улица „Борис Кидрич“ и заврши во Музејот на тетовски крај (Дом на АРМ) каде се одржа предвидената културно-уметничка програма со настап на детските хорови „Крешендо“ и „Лале“, КУД „Шара“ и Трио „Акустик“.

Претпладнево во чест на Бадник се благословија кумските лебови и бадникот во манастирот Свети Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица.

МИА