Во овој момент се прави заштитен појас од пожари во Расадник, за спречување од евентуални палења на вегетацијата, информира Општинна Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека екипите на Општина Кисела Вода ќе останат будни во текот на целата ноќ и ќе ја следат ситуацијата.

За потсетување, на почетокот на септември минатата година избувна голем пожар во Расадникот. Полицијата тогаш утврди дека тројца малолетници фрлале петарди и го предизвикале пожарот.

Кривична пријава беше поднесена против еден 14 годишник, додека другите две деца не подлежеа на кривична одговорност бидејќи немаа наполнето 14 години.

-На 06.09.2024 СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против 14-годишен малолетник за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик (КЗ). Имено, пријавениот, заедно со уште две деца кои не наполниле 14 години и не подлежат на кривична одговорност, на 03.09.2024 околу 15 часот во местото викано Расадник, на територија на општина Кисела Вода во Скопје, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева и настанал пожар кој зафатил површина од околу три хектари, соопшти минатата година МВР.

Расадникот во Кисела Вода е најголемата зелена површина од тој размер која е на само 2 километри од центарот на Скопје.