Американскиот претседател Џо Бајден денеска побара од американските разузнавачки агенции „двојно да ги зголемат своите напори“ во истрагата за потеклото на коронавирусот и да извршат притисок врз Кина да соработува.
Американската администрација верува дека е важно да се утврди потеклото на пандемијата на коронавирусот во која животот го загубија речиси 600.000 Американци, но, исто така, признава дека досега е направено малку за да се најдат комплетните одговори и дека тоа претставува закана за националната безбедност на САД и јавното здравство.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, недвосмислено порача дека американската администрација сака да ги добие сите одговори за потеклото на Ковид-19.
-Бараме и во неколку наврати апелиравме до Светската здравствена организација да поддржи експертска истрага за потеклото на пандемијата, која ќе се спроведе без мешање и без политизација. Се надеваме дека по првата истрага на СЗО, тие ќе почнат и втора, која ќе биде потранспарентна и независна, рече Псаки, истакнувајќи дека генералниот директор на СЗО, Тедрос Габрејсус, ја критикуваше и првата истрага што СЗО ја спроведе во Кина, пренесува весникот „Вашингтон пост“.