Претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека еден милион смртни случаи од Ковид-19 во таа земја се „трагична пресвртница“ и ги повика Американците да бидат внимателни.
– Оваа пандемија не е завршена. Денеска одбележуваме трагична пресвртница овде во САД, еден милион смртни случаи од Ковид-19. Еден милион празни столчиња околу семејна трпеза … Мораме да останеме будни кога станува збор за оваа пандемија и да направиме сè што можеме за да спасиме што е можно повеќе животи, како што направивме со повеќе тестови, вакцини и третмани од кога било досега, нагласи Бајден.
Тој додаде дека од клучно значење е Конгресот во следните месеци да не ги намали средствата што ги издвојува за борба против Ковид-19.
Бајден посочи и дека смрт на најблиските има силно влијание врз семејствата и истакна дека „нацијата е променета засекогаш“. Тој нареди и спуштање на знамињата на половина копје.
Загубата на еден милион животи претставува една смрт на секои 327 Американци, или вкупно, повеќе од целото население на Сан Франциско или Сиетл.