Американскиот претседател Џо Бајден кажа денес дека Вашингтон ќе го снабди Тел Авив со сè што му е потребно за да се брани во војната против Хамас, милитантното палестинско движење, сугерирајќи притоа дека зад ракетирањето на болницата во Газа, при што беа убиени стотици цивили, стои палестинската страна.
Бајден утринава слета во Израел и се сретна со премиер Бенјамин Нетанјаху. За Хамас кажа дека е полош од Исламска држава поради убивањето цивили во нападот од 7 октомври, по што почна новиот конфликт. Бајден кажа дека од тогаш загинале и 31 Американец.
„Врз основа на она што го видов се чини дека тоа го направила другата страна, не вие. Но имаме многу луѓе кои не се сигурни, така што имаме многу за надминување“, кажа американскиот претседател.
„Мораме да имаме предвид дека Хамас не го поддржуваат сите Палестинци и дека им носи мачење“, заклучи Бајден.