Претседателскиот кандидат на Демократската партија на изборите во ноември во САД, Џо Бајден, изјави дека доколку победи на изборите, ќе биде подготвен повторно да ја „затвори“ земјата доколку научниците тоа го препорачаат со цел да се спречи коронавирусот за време на можниот втор бран од пандемијата.
-Ќе ги послушам научниците, рече Бајден во интервјуто за Еј-Би-Си њуз, што го даде заедно со неговиот избор за демократски потпретседател на земјата, сенаторката Камала Харис.
Според Си-Ен-Ен, Бајден е подготвен да стори „се што е потребно за да се спасат животи, затоа што не можеме да ја рестартираме земјата се додека вирусот не го ставиме под контрола“.
Затоа, додаде тој, начинот на кој администрацијата на сегашниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, управуваше пандемијата, во основа, е погрешен.
-За да може животот во земјата да тече, економијата да расте, луѓето да можат да бидат вработени, треба да го решиме проблемот со вирусот, подвлече Бајден.
Пандемијата со Ковид-19 во САД досега одзеде повеќе од 175.000 животи.