Поранешниот потпретседател Џо Бајден извојува убедлива победа на примарните избори за номинација претседателски кандидат од демократите во сојузните држави Флорида, Аризона и Илиноис.
Неговиот сопреник, сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, сега има сосема мали шанси за пробив и кандидатура. Се соочува со повици да ја заврши кампањата за да овозможи обединување на демократите зад Бајден, најверојатниот претседателски кандидат на Демократската партија кој треба да му се спротивстави на актуелниот претседател, Доналд Трамп, на изборите во ноември.
Иако поради ширењето на вирусот одзивот во трите држави беше понизок, Бајден победи со голема предност. Од досега изброените гласови, во Флорида тој освои 150 од вкупно 219 делегати, во Илиноис освои 93 од вкупно 150 делегати, додека во Аризона 30 од вкупно 67.
Од кампањата на Сандерс се подготвуваат за изјава по вчерашниот пораз, но во позадина на ширењето на коронавирусот и поместените избори во пет сојузни држави поради здравствени причини, нема најава дека тој ја напушта трката.