Соединетите Американски Држави ќе застанат покрај своите европски сојузници против Русија, рече американскиот претседател Џо Бајден во пресрет на првиот состанок во живо со рускиот претседател Владимир Путин.

Исто така, посочи дека не бара конфликт и дека сака стабилна врска и соработка со Москва.

Бајден во среда ќе замине за Европа каде ќе присуствува на самитите на Г7 и НАТО,  а на 16 јуни во Женева ќе има средба со Путин.

Средбата ќе се одржи во време на најголема криза во односите меѓу САД и Русија во последниве години, со тензии околу низа прашања, од обвинувања за хакерство до обвинувања за мешање во изборите.

Во статија за „Вашингтон пост“ објавена во саботата, американскиот претседател вети дека ќе ги зајакне „демократските сојузи“ на Вашингтон, соочени со повеќе кризи и растечки закани од Москва и Пекинг.

„Ние стоиме обединети да одговориме на предизвиците што Русија и ги поставува на европската безбедност, почнувајќи од нејзината агресија врз Украина и нема да има сомнеж за одлучноста на САД да ги бранат нашите демократски вредности што не можеме да ги одделиме од нашите интереси“, напиша Бајден.

„Претседателот Путин знае дека нема да се двоумам да одговорам на идните штетни активности“, Кога ќе се сретнеме, повторно ќе ја истакнам заложбата на САД, Европа и истомислената демократија да се залагаат за човековите права и достоинството“, додаде Бајден.

Откако ја презеде функцијата во јануари, тој го засили притисокот врз Кремљ, нарекувајќи го Путин „убиец“, што наиде на остри критики во Москва.

Но, и двајцата лидери изразија надеж за подобрување на односите, а рускиот претседател во петокот рече дека очекува „позитивен“ резултат од разговорите.

Бајден во статијата истакнува дека Вашингтон „не бара конфликт“, посочувајќи на неодамнешното продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ за намалување на оружјето, како доказ за неговата желба да ги намали тензиите.

„Ние сакаме стабилен и предвидлив однос во кој можеме да соработуваме со Русија за прашања како што се стратешката стабилност и контролата на оружјето“, напиша американскиот претседател.